Ода за нашата послушност
Живееме во свет што тоне. Секојдневно си ги копаме сопствените гробови и трчаме кон провалијата. Гонети од брзината на модерниот свет паѓаме во замката на лежерниот живот, незаинтересираноста, незнаењето. Секојдневно си ја уништуваме планетата, како физички така и психички и интелектуално.
Дозволуваме да бидеме изиграни, а кога еднаш ќе ја научиме лекцијата не се трудиме да ја споделиме со другите. Нашиот ум е дотеран, испеглан и воопшто не ни слушнал за напуштање на комфорната зона. Може да имаме сè, ама сепак избираме да останеме во нашиот програмиран, но не така шарен свет.
Ете, во едно такво време на невреме, кога сите ми велат да се релаксирам и да си го живеам животот, со сиот свој оптимизам и ентузијазам се обидувам да го насочам вниманието кон можностите кои стојат пред нас, кои секојдневно ги одминуваме и одбиваме да ги видиме, за она што можеме да го направиме токму сега, каде и да сме. Колку и да звучи клише, иднината е сепак на младите, во нив се силата, моќта и визијата за подобро утре. Но во сиот овој процес на подобрување на општеството се прави една огромна грешка. Од средношколците се бара нешто на кое никогаш не нè научиле. Ни бараат креативни идеи и решенија без притоа да ни покажат како да дојдеме до нив, без да нè мотивираат, без воопшто да се обидат да ја поттикнат креативноста во нас. Меѓу сите преостанати работи во кои потфрли формалното образование се наоѓа и ценењето на трудот на учениците, и воопшто давањето слобода и можност тие да го кажат своето мислење и да ја покажат својата способност.
Секојдневно бомбардирани од смешно и истовремено жални општествени збиднувања, опкружени од луѓе вработени со партиска книшка, а уште повеќе од луѓе кои живеат во страв да не им биде одземено она што го имаат, целосно ги изгубивме желбата и вербата дека нешто може да биде сменето, и својот живот го гледаме секаде само не во сопствената татковина.
Признале ние или не, има генијални идеи во македонскиот образовен систем, уште повеќе има идеи меѓу самите ученици и професори. За жал, само идеи. Секогаш нивното детално планирање и реализација, на некој магичен начин, завршуваат во погрешни раце, секогаш некој не ја разбира работата докрај, нешто заборава, некој останува необучен и недоволно информиран и на крај завршуваме со катастрофално, демотивирачко, неедукативно, непродуктивно образование. Она што требаше да биде креативен начин на предавање, стана здодевна работа во групи чии членови немаат ниту разбирање, ниту трпение, ниту почит, а најмалку желба за учење. Тонејќи сè повеќе од грешка во грешка, од реформа во реформа, образованието моментално е сведено на меморирање на прашањата од екстерно, учење дефиниции напамет од збор до збор, масовно препишување и борба за оценки. Општеството создава роботи, а не луѓе. Наместо да се поттикнуваат добродетелството, чесноста, почитта, секојдневно се редат неправди, манипулации, злоупотреби.
И во сиот овој хаос, згора на сè, нè критикуваат што сме седеле цело време со телефоните в рака и што не сме дигале глава од Интернет. Џабе се бунат, кога технолошката ера е веќе во полн ек, нема враќање назад. Наместо да се обидувате да нè смените, прифатете нè вакви какви што сме и искористете ја нашата опседнатост со мобилните за да нè информирате, едуцирате и најмногу од сè да нè поттикнете да бидеме човечни, хумани и активни учесници во општеството. Ако пред триесет години се учеше преку телевизиски емисии, денес се учи со мобилни апликации. Токму благодарение на Интернетот многу полесно можете да ја издигнете нашата свест на која било тема, да нѐ информирате за сѐ што се случува, да нѐ организирате. А вие сепак одбирате во тоа да го видите само времето потрошено со технологија.
Покажете ни дека ви значиме, разберете нè, покажете ни како треба, подготвени сме да научиме. Дадете ни ги вистинските ресурси, инспирација и мотивација, и ние можеме многу да направиме. Дадете ни шанса, слушнете нè, ценете го она што го кажуваме. Немојте само да нè тапкате по глава, надолу во земјата, не се обидувајте да ни наметнете ставови. Дадете ни слобода да размислуваме, да пробаме нови работи, да се надградуваме. Овозможете ни да се изразиме и да бидеме слушнати и ценети. Само така ќе успееме, и ние и вие.
Мими Филова, СОУ „Јосиф Јосифовски“, Гевгелија