Активирај се | Создадено од вас |

Плачи и (в)диши длабоко

feat-img

Ангеловска Викторија, СУГС „Орце Николов“ – Скопје

Ѕидовите некогаш се доближуваат сосема, доволно за да можеш да ги топлиш со здивот. Како извлечен со вакуум, просторот станува неверојатно мал. Во неговиот центар раштимано чука едно срце. Погледот бега, бара некои други глетки, окото се изострува, но го губи фокусот и станува нескротлива птица. Се’ се чини недоволно, неудобно и нејасно. Дланките се потат, цврста грутка немир стои во грлото. Не минува, ниту можеш да ја плукнеш, ниту да ја голтнеш. Само стои, простум. Те гуши. Времето те заобиколува. Околу твоето тело создаваш оклоп, меурче. Живееш внатре во него. Мирно, безволно лежиш на креветот и ја пушташ тагата од срцето со долго зјапање во таванот и некои меланхолични звуци на болката во позадина.

Некогаш ти се плаче без причина. Те разлутуваат минорни точки од секојдневието. Ти се самува. Ти се молчи. Спиеш премногу или воопшто. Едвај стануваш од кревет наутро. Следно нешто кое го сфаќаш е дека одекнува ѕвончето низ ходниците. Потоа, човечка форма на Авторитет, седната на катедрата, ти го чита името, ти поставува прашање. „Не знам“, велиш. Како да објасниш зошто не знаеш ? Си го имал сето време на светот да научиш. Зошто не знаеш?

Просто како грав. Си го имал сето бреме на светот. Притискало врз твоите раменици, те деконцентрирало, те принудувало на плач и темнина. Од твојата внатрешност се издигнало себично чудовиште кое те влечкало со него низ мрачни агли. „Подобро остани во кревет“, повторувало.

Некои престануваат да јадат, од страв дека така го хранат и него. Некои престануваат да спијат, од страв дека така се одмара и тоа. Некои оставаат лузни по својата надворешност, од страв дека тоа засекогаш ќе остане внатре. Но, во основа, сите молчат. Никој не спомнува дека во себе носи чудовиште. За тоа не се зборува. Полесно е да кажеш дека остануваш во кревет затоа што те боли грлото или имаш температура. Менталното здравје е енигма која се исправува пред нас, а ние одбиваме да ја погледнеме. Ја оставаме во најзаткулисните катчиња на нашето живеење и молчиме пред неа. Менталното здравје е она кое го поттикнува физичкото. Зошто не го почитуваме?  Во ред е да плачеш. Ти си повеќе од чудовиштето во тебе. Ти не си слабак. Има уште многу радости за гледање. Само (в)диши длабоко.