Преку практична настава до професионални техничари
Единственото средно училиште во Демир Хисар, „Крсте Петков Мисирков”, сместено во срцето на градот, се чини дека иако нема конкуренција или репер за мерење на квалитетот на образованието, тоа само за себе претставува пример за успешна образовна институција. Отворено и креативно училиште со пријатна клима, овозможува директно вклучување на учениците во наставата преку разни проекти и активности.
Посебно интересен дел од наставата е стручното образование на шумарско-дрво преработувачката струка, каде учениците имаат шанса преку практична настава, шест часа во неделата, да се усовршуваат во својата професија и да се оспособат во иднина како шумарски техничари за пејсажна архитектура.
– Шумарската струка е регионална и постои веќе седум години, а во неа учениците имаат можност директно да бидат вклучени во работниот процес на терен. Оваа година училиштето во соработка со локалната самоуправа, доби парцела или наставна шума од еден хектар, кои учениците сами ќе ја уредуваат, ќе поставуваат клупи, масички и слично – објаснува професорот Гоце Стојановски.
Во дворот на училиштето е поставен и пластеник со систем за наводнување, каде средношколците сами садат и одгледуваат зимзелени растенија. Покрај тоа, тие соработуваат и со училишта од други градови, на кои им ги уредуваат дворовите.
– Целта е нашите ученици да се стекнат со практично искуства во нивната струка за понатаму во идина да се пронајдат и усовршат како шумски техничари. Ме радува што тие навистина уживаат во тоа и работат со огромен ентузијазам – вели професорот Ристо Гулевски.
Покрај тоа, учениците редовно посетуваат национални паркови и учествуваат на разни натпревари. Ученикот Јане Митревски вели дека на овој начин тој се стекнал со многу големо искуство во областа која сака да ја изучува.
– Тоа што го правиме го работам со мерак и ми е многу интересно. Некои работи не можат да се научат од книга како што можат на терен. Стекнав искуство коешто многу ќе ми значи кога во иднина ќе учам и на шумарски факултет – вели Митревски.
За Митревски и неговите соученици учењето преку пракса претставува отскочна даска која ќе ги однесе неколку чекори поблиску до професионалното почнување на нивните кариери како техничари и инженери.
Автори:
Ирена Каревска, студентка на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста
Марија Пауноска IV-1, Антонио Суклувски IV-2 , ОСУ „К. П. Мисирков” – Демир Хисар