Активирај се | Создадено од вас |

Шанса за работа и успех

feat-img

Ајде да го согледаме животот во нашата ни мила татковина од една друга перцепција. Драги мои читатели, би си зела за право да ве прашам – кој е главниот проблем на младите во Македонија? Без ниту малку размислување, претпоставувам, одговорот е невработеноста. Не сум сретнала личност која ниту еднаш се нема запрашано дали вреди воопшто да размислуваш да останеш овде, да формираш семејство, да градиш кариера, дали вреди да размислуваш за иднината во Македонија.

Размислувањата за иселување од родното место во денешно време не губат на актуелност. Мислата за подобар живот и наоѓање среќа надвор од татковината е особено изразено меѓу младата популација. Самиот начин на живот, условите за егзистенција и колку можеш да добиеш шанса за напредок ја тера, пред сѐ младата популација да мигрира во потрага по подобар живот, што воопшто и не е чудно. Стапката на невработеност кај младите, како што говорат статистиките, изнесува 54 проценти и за ова причината не ја барам кај младото работоспособно население. Причината, односно грешката ја воочувам во државата.

Претставата за животот во Македонија е сосема различна од онаа во земјите каде што е ветена парата. Ветена затоа што земјите каде што најчесто заминуваат младите се држави каде што образованието, трудот и макотрпната работа се ценети, признаени и платени. Точно е дека понекогаш се работи од утро до мрак, меѓутоа не за корка леб како овде, туку за да ги задоволат сите свои потреби и планови кои ние би си ги оствариле ако земаме по 30-50 илјади денари месечно. Невозможно, нели?

За жал, кај нас завршеното високо образование и големата желба за успех не се клучен фактор за вработување. Се соочуваме со болна реалност во која младите со висок степен на образование не работат никаде или работат во продавница, бутик или сл., истото тоа што можат да го работат и со средно образование, односно без диплома. Нема ништо лошо во таа работа и човекот не треба да биде дефиниран според тоа, но се чувствува бес, бидејќи е неправда да вложиш во своето образование, а да немаш корист од тоа.
Нели ние младите сме иднината на државата?! Но вреди ли да дигнеш глас и да се бунтуваш за подобро, кога едноставно можеш да се спакуваш и да си заминеш некаде каде што животот те чека?
Потребно е државата да има поголем интерес за нас, да ни даде услови и шанси за работа и практика токму во годините кога можеме да бидеме најпродуктивни, кога гориме од желба да успееме. Да се направи тоа пред да згасне таа желба, да се спречи или барем да се намали иселувањето надвор од татковината.

Елена Ефремова, СОУ „Кочо Рацин“, Свети Николе