Активирај се | Создадено од вас |

Со отворен ум до европски развој

feat-img

Марија Пауноска, IV-1, СОУ „Крсте Петков Мисирков“ – Демир Хисар

Љубопитноста е тригерот кон подобро утре. Со неа човекот успева да ја извлече науката од своите пори и со неа да отвори нови патишта кон иднината. Слободата на човекот му овозможува душевно и физичи да се пронајде себе си. Да ја пробудиме свеста во нас, да го смениме нашиот менталитет и да го направиме светот поубаво место за живот, клучот е во нас и само од нас зависи.

Барајќи ја духовната слобода наоколу се вртиме во лавиринтот на нашиот мозок, талкаме по погрешни станици, празни, безначајни… Да ја најдеш слободата можеш само во себе. Пробуди се себе си! Тајната на животот е во едноставноста. Ќе сфатиш дека не треба на животот да му додаваш години, туку на годините живот. На дофат ни се чудата на светот!

Кога во средновековието науката ја имаше за противник црковната догма, успеваше да се носи со тоа на ваков или онаков начин и успеа да ја надживее. Ние треба денес да ги следиме нашите идеали, а не туѓите и само тогаш ќе ја отфрлиме догмата која во денешново модерно време секојдневно си ја поставуваме живеејќи според мислењето на другите луѓе. Секојдневно се соочуваме со нашите незнаења и само ако ја бараме науката насекаде околу нас, а не само во нас ќе стигниме до одговори од нешто круцијално, а можеби и на нешто бизарно.

Една од најмаркантните личности на модерното време, која успеа со својата непресушна љубопитност и трпение да го придвижи новиот свет кон една нова точка на постоење е Стив Џобс. Тој, знаејќи ја моќта на инспирацијата, секогаш наоѓаше начини, не само да ги инспирира купувачите да ги купуваат производите, туку и работниците да го вложат максимумот во она што го работат. Неговата свест дека инспирацијата е најголемата движечка сила која носи до успех, го поттикна да донесе голема промена во светот. Дали кога Стив Џобс во оној инспиративен говор во Сенфорд ќе порача: „Останете гладни, останете блесави“, стана херој на едно ново време?

Махатма Ганди, пак, човекот кој ќе остане запаметен по неговиот пристап против дискриминацијата и најважен пример за човештвото, рекол: „Нема пат до мирот, мирот е патот“. Тој не бил научник, но бил човек кој станал инспирација за многу луѓе како што е Мартин Лутер Кинг и заслужено неговото име треба вечно да живее по неговата смрт.

Како што времето, во права смисла на зборот, нема ниту почеток ниту крај, така и науката нема крај и претензии за практично менување на вистината. Колку далеку ќе стигне модерниот човек со осознавањето на вистинските негови потреби, со проверување на неговите идеи, со пренасочување на неговите визии кон еден поинаков развој? Едно е сигурно, порано или подоцна вистинскиот мир во светот мора да дојде. Денес се оди кон тоа, сите народи, раси и поединци да имаат исти права на нивно постоење и живеење, и подеднакво да ги уживаме сите благодети на светот.

А ние, Македонци, со желба скриена длабоко во срцата, родена уште многу одамна за еднаквост и рамноправност на сите на ова европско парче земја каде сме припаѓале отсекогаш. Денес доволно свесни да ги исцрпиме поуките од досегашната вулгарна историја, и поучени од неа да ја издигнеме желбата за универзален мир и европски развој.

Човековата историја го бележи се` повеќе и повеќе натпреварот меѓу едукацијата и развојот. Заеднички свет, отворено опшество за сите народи е порака на древните и модерните Mакедонци.

Како што Конфучие не` подучил, премногу слушаме и забораваме, гледаме и запаметуваме, но треба нешто конечно да направиме за да разберeме. Треба да бидеме доволно љубопитни и со отворен ум, за да ја искористиме универзалната наука што е во нас и ќе ја почуствуваме благодетта на животот.

Натперварот помеѓу цивилизациите на оваа планета треба да биди постојано инспиративен и поттиклив за новите генерации, затоа што светот треба да го разбираме единствено како поле за културен натпревар меѓу народите. Доживувањата од историјата не направија да се зафатиме за работа за општ мир меѓу народите и посигурно живеење на сите, со што денес под поимот Европа се подразбира мир, напредок, просперитет и слобода!