Активирај се | Создадено од вас |

Врсничко насилство: Учениците ранливи поради недостигот од психолози

feat-img

16 годишно девојче од Гостивар, жртва на врсничко насилство. Средношколката, чијшто идентитет е познат на редакцијата, а со цел да ја заштитиме, ќе ја именуваме како Сања. Таа ни раскажа дека лани, не само што трпела вербално насилство, туку се соочила и со физичко насилство во училиштето. И, само поради една причина – зашто била одлична ученичка.

„Јас бев жртва на врсничко насилство во прва година. Моите соученици ме нарекуваа бубалица зашто бев одлична. Иако учениците од таа група на насилници имаа слаби оценки, тие сепак беа прифатени од околината поради статусот на нивните родители. Еден од таа група се обиде еднаш и физички да ме нападне и покрај тоа што секојдневно се соочував со неговите вербални навреди.“, вели таа.

Сања се обратила во службата во нејзиното училиште, но, не биле преземени никакви мерки да се спречи насилството.

„Тие не преземаа мерки и ми рекоа дека сме деца и сѐ ќе помине. Оваа година се чувствувам подобро поради тоа што околината започна да ја одбива таа група на ученици поради начинот на кој се однесуваат.“

Врсничкото насилство сè повеќе е присутно во училиштата, се појавува во нови и нови форми. Ама, тешко е да се стигне до помош. Учениците не ги чувствуваат психолозите и педагозите за блиски, а стручните лица ги нема доволно во училиштата. Проблемот е присутен во многу училишта.

Според психологот Гордана Блажевска-Спиридонова од гимназијата „Никола Карев“ во Скопје, потребно е да се внимава на неколку аспекти:

  • По двајца психолози во секоја смена во секое училиште.
  • Психологот мора да биде достапен за децата кои се соочуваат со најразлични проблеми.
  • Наставниците мора да бидат поактивни и поотворени.
  • Да се надмине стигмата дека одењето на психолог е лошо.

Недостиг од кадар има и надвор од Скопје каде проблемите се поголеми, вели Славица Глигорова, педагог од СОУ „Коле Нехтенин“ во Штип.

Не само што нема доволно психолози во училиштата, туку се преоптоварени со административни процедури. Тие веќе јавно говорат за проблемот и бараат Министерството за образование и наука (МОН) да ги ослободи од оваа обврска за да имаат време да им се посветат на учениците.

Според последните податоци на Министерството за образование и наука (МОН), во 362 основни училишта во земјава има 308 психолози и 304 педагози, а во 108 средни училишта се вработени 102 психолози и 100 педагози.

Став на МОН

Во сите училишта има вработено барем едно лице – стручен соработник (педагог, психолог, социолог, специјален едукатор и рехабилитатор…), а најчесто има повеќе. Општините/ градот Скопје, имаат право да ангажираат и лица по однос на вработување со договор на дело кои што можат да бидат ангажирани како стручни соработници а за кои што е одговорна самата Општина/Градот Скопје како основачи на училиштата. Ова значи дека пристапот кон услугата за подобрување на менталното здравје на учениците е ограничен. Учениците бараат помош и во невладини организации. Прва адреса е СОС линијата „Ало бушавко“ на Првата детска амбасада „Меѓаши“. И оттаму предупредуваат дека мора да се зголеми бројот на психолози во училиштата.

  • Минималниот број на стручни служби не е доволен, особено во училиштата со поголем број ученици.
  • Извештајот  на „Меѓаши“покажува дека во последните години, младите сè повеќе имаат потреба да зборуваат за нивното ментално здравје.

Ајдари, која е мировен работник во „Меѓаши“ предупредува на неколку проблематични точки:

Да се обратиш кај психолог не значи дека имате проблем, тоа треба да биде рутина и да се користи како превентива.

Сања не е единствената, до нашата редакција пристигнаа и други сведоштва

Соња не е единствената која се соочила со ова. И 18 годишно девојче од Битола трпело вербално насилство предизвикано од предрасудите и стереотипите кон други етнички заедници.

„Јас бев жртва на врсничко насилство. Моите соученици ме исмеваа поради мојата етничка припадност. Јас припаѓам на влашката националност и бев отфрлена од друштвото токму поради тоа. Сите ме задеваа, бев анксиозна и депресивна бидејќи тоа се случуваше во моите тинејџерски години.“, ни раскажа Тања од Битола.

И таа разговарала со нејзините родители и со службите, но и тука потфрлиле службите. За насилниците немало никакви последици.

„Во тој период психолошката состојба ми беше лоша поради тоа што се чувствував отфрлена од средината. Денес можам да кажам дека со тоа што пораснав и интелектуално се развив, не ја чувствувам мојата национална припадност како недостаток, туку како предност.“

16 годишното девојче од Гостивар било жртва на насилство уште од своите први училишни години, кое траело до крајот на нејзиното основно образование.

„Од прво до деветто одделение бев жртва на врсничко насилство од страна на мои соученици. Тие ме задеваа, вреѓаа и ме исфрлија од околината поради тоа што моите родители не беа на функција како нивните. Беше присутна голема дискриминација кон сите деца како мене.“

Локалните самоуправи и Град Скопје секоја година бараат нови вработувања на стручен кадар во училиштата. Од МОН рекоа дека се прави анализа на моменталната екипираност со кадар, но, крајниот збор за вработувањата го има Министерството за финансии.

Последните настани од Србија треба да бидат аларм за надлежните – на менталното здравје на учениците не смее да се штеди!

Автори :

Горјан Азманов, СУГС „Орце Николов“ – Скопје
Лира Бунјаку, СУГС „Зеф Љуш Марку“ – Скопје
Андреа Кукушева, СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ – Штип
Стефанија Мартиновска, СОУ „Перо Наков“ – Куманово