d

The Point Newsletter

Sed ut perspiciatis unde omnis iste natus error.

Follow Point

Begin typing your search above and press return to search. Press Esc to cancel.
bojan kitanovic

Дали почнавме да сонуваме и електронски соништа?

Беше студен мајски ден и часовниците отчукуваа 25 часот. Да, добро прочитавте. Дваесет и четвртиот час е толку старомоден веќе. Сите живееме еден час понапред. Трчаме низ нашето сиво секојдневие. Градите ни се полнат со воздух. Црвенилото полека доаѓа до образите. Солениот вкус на потта е измешан со малку надеж и доза на разочарување.

А, извинете, зошто трчаме? Трчаме за она што во 19 век го нарекуваа прогрес. Оф, да. Па прогресот веќе ни чукна на вратата и ние своеволно го примивме на шолја чај и неколку колачиња.

Технологија, пријатели. Нешто од кое не можеме да се откажеме. Какво безобразно задоволство, како последна коцка чоколадо.

Знаете ли кога сфатив дека живееме во електронски свет? Кога, седејќи во едно кафуле, сите се ѕвереа во правоаголникот кој катадневно е во нашите десни џебови. Кога библиотеките го изгубија мирисот на стара книга и часовниците не служат само за гледање на време. Кога започнав да симнувам книги на мојот таблет. Дури и мирисот на „Рекорд“ стана електронски.

Ја мериме убавината со „лајкови“, а ставовите ги искажуваме во 140 карактери на Твитер.

Кога станавме вакви, хм? Кога онаа мисла „една слика вреди илјада зборови“, ја сфативме буквално и почнавме да зборуваме преку „емоџи“?

Лесно е. Технологијата навлезе во сите пори на нашето битување и сега е премногу доцна да кажеме стоп. Наместо тоа сите продолжуваме напред. Тврдоглаво се држиме до технолошкиот прогрес како давеници за сламка без да сфатиме дека можеби така го губиме човечкиот материјал.

Истрчавме долг пат, но имаме уште многу километри за трчање.

Чекајте! Што ако станавме толку обземени од трката, да дури не сме ни забележале дека одамна сме го поминале „финишот“ и неуморно одиме уште понапред ? Како велат – технологијата е корисен слуга, но опасен господар.

Замислете си! Денес сакаме и на роботите да им дадеме душа без да размислуваме за последиците.

Но, дали машините воопшто би можеле да го заменат сето она што претставува човечко битие? Да сакаат? Да чувствуваат? Да премолчат кога облеката нема да ви стои убаво? Да ја сокријат првата симпатија? Да веруваат во Бог иако не го виделе? Да го излажат професорот за ненапишаното домашно? Да сонуваат свои соништа?

Не знам за нив, но благодарение на технологијата, ние сигурно сонуваме електронски соништа.

Автор: Бојан Китановиќ, трета година, СЕПУГС „Арсени Јовков“ – Скопје