Активирај се | Создадено од вас |

Младиот Џони никогаш не требаше да добие пиштол

feat-img

Милица Тодорова, СОУ „Кочо Рацин“ – Свети Николе

Пукотници, куршуми, крв, се губат раце, нозе, глави, животи, една падната жртва, втора падната жртва, трета…Го гаснеме телевизорот за најмалите да не го гледаат тој ужас. А зошто? За децата да не го видат ужасот кој се случува околу нив. Тие да не го видат, а ние да замижиме пред вистината и при очи да бидеме слепи. Ја имаме привилегијата да живееме во „совршениот“ 21 век, додека некои помалку развиени земји сè уште талкаат во 18 век, кревајќи оружје. Пријател на пријател, брат на брат. Се раѓаат деца за да убијат или да бидат убиени. Колку ли пати војната покосила животи на невини луѓе ? Колку ли пати биеле камбаните ? Што ли им поминува низ главите на војниците за време на војна? Тие не знаат дали повторно ќе ја видат својата мајка, жена или децата. Тие само го чекаат денот, кој, никако да дојде, денот кога ќе ја почувствуваат слободата, денот кога ќе ја почувствуваат топлината, денот кога Сонцето повторно ќе свети и за нив, денот кој многу од нив не го дочекуваат, денот што никогаш не доаѓа – денот кога на војната ќе и дојде крајот. Замислете ги вашите мажи како се борат, вашите жени како плачат, вашите мажи како умираат. Замислете колку е студено огненото оружје во рацете на едно момче, како ли се почувствувал младиот Џони кога го добил својот прв пиштол. Џони, го одделуваат од рацете на неговата сакана и го праќаат на воените фронтови. Истиот Џони, еден ден се буди среќен што сè уште е жив, но набрзо паѓа во агонија, затоа што сфаќа дека не може да го слушне своето срцебиење и дека сè околу него е толку мрачно, што значи дека е и глув и слеп. Од него останал само неговиот труп, ги изгубил и рацете и нозете, сака да вика колку што го држи гласот, ама не може, ја изгубил и вилицата. Не знае дали сонува, дали е вистина. Додека ние го живееме нашиот живот напразно, мижејќи на бомбите кои се фрлаат пред наши очи, затнувајќи ги ушите на секој истрел, желбата на Џони е неговиот живот да згасне. А дали Џони некогаш побарал пиштол? Тоа никој не прашува. Што мислите, зошто Џони толку сакаше да умре? Тој не можеше да ги запре сликите кои секојдневно му поминуваа низ главата, не можеше да го заборави ужасот кој го виде, човечки тела распарчени, обезглавени и целата таа крв пролиена. Дури и кога не можеше да гледа, јасно го гледаше ужасот на војната, и кога не можеше да слуша, можеше да ги слушне пукотниците и вресоците. Која е вината на еден млад човек за да се роди и да умре во војна? Војната го допира секој крај од светот, па и наши војници, наши браќа се испратени на воени мисии, секој од нас би можел да се најде на местото на младиот Џони. Младиот Џони никогаш не побара пиштол. Младиот Џони никогаш не требаше да добие пиштол. Никој, никогаш, не требало да го види она што тој го видел, но историјата видела и полошо, а иднината можеби ќе го види и најлошото.