Активирај се | Создадено од вас |

Мој личен став за…

feat-img

Елена Гелебешева II1, СУГС Гимназија „Орце Николов“- Скопје

Еј вие,  дечко… девојко! Да, вие, на сепарето, со телефоните во рака. Што има ново на твитер и фејсбук? Или можеби токму сега „ставате“ чек-ин? Или пак сликате за снепчет и инстаграм? Гледајте пред себе, кафето ви се олади, а ладното кафе не е пријателско кафе. Се сомневам дека разменивте два-три збора помеѓу себе. Што ви беше последниот муабет? Не се сеќавате, нели?

Има ли нешто поважно од тоа, денес да бидеш „фаца“ низ градов?! Да поминуваш на улица и сите со „восхит“ да гледаат во тебе? Тоа е врвот што можете да го достигнете со вашите 16, 17, 18 години, така?! Добро, ќе речете општеството се менува, времето, генерациите се менуваат.. И навистина е така, но каква е нивната цел, кон што тежнеат, кои се нивните идеали?

Свесни ли сте за себе, кога вперени со погледот, наместо во сегашноста, гледате во виртуелниот (не)реален филм… Го криете вашиот идентитет зад некој создаден профил, зад виртуелното „тој“ и „таа“. Луѓето со кои зборувате на социјалните мрежи ги нарекувате свои пријатели, само заради тоа што делите исто мислење, а не знаете колку тоа мислење и тие чувства се вистински. Ги заборавате вистинските лица во вашите животи, лица со кои секоја среќа и секоја тага сте ја споделувале. На една рака можат да се избројат оние кои во секој момент можеме да ги побараме и да добиеме средба, внимание, помош. Дали зборот љубов има некаков ефект врз вас? Не чувствувате благ немир во срцето и душата при неговиот изговор? Ниту една личност не ви поминува низ мислите секојдневно?! Страшно… Реалност без стварност.

Каде ли замреа, во кој ли агол останаа да собираат прашина искреноста, добрината, почитта? Поважно од вашето мислење ви е мислењето на другите за вас, мислењето на другите за другите. Сѐ помалку правите тоа што вам ви одговара, сѐ помалку време оставате за себе. Престанавте да живеете за останатите, затоа што тие не сте ВИЕ. Дали тие помислуваат на вас?

Живееме во свет конструиран од ветувања, создаден од лаги. Чувствувајте се слободни и  кажете го своето мислење. Живејте за да учествувате во градењето на новиот свет и новата генерација. Свет што ќе остане и ќе продолжи да живее и после вас.