Активирај се | Создадено од вас |

Професорите треба да бидат и посветени втори родители

feat-img

Габриела Лескова, СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ – Велес

Дојде време кога јавно, јасно и гласно, би зборувала за она што одамна сакам да го споделам со сите, а тоа е моменталната ситуација во нашето образование. Ученичка сум во четврта година во гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес. Ученик со доволно искуства, лоши и добри, ученик кој конечно реши да го каже своето мислење за нашето образование кое од година в година се движи во катастрофален правец. Го пишувам ова за да ја подигнам свеста на сите сегашни и идни ученици, на сите професори и останатите поврзани со образовни институции. Со цел менување на ситуацијата во која се наоѓаме и пронаоѓање на правецот за подобро утре.

Ова не можам да го постигнам сама, затоа барам помош од сите вас што го читате ова. Заедно да го смениме хаосот во којшто се наоѓаме, да создадеме едно квалитетно образование, конечно да ја направиме промената што сакаме да ја видиме.

Секојдневно сум сведок на ученици кои со наведнати глави доаѓаат во училишните клупи, кои постојано водат разговор за незадоволство и револт, за нашето образование. Да, сведок сум дека поголемиот дел средношколци фукционираме на овој начин. Слушам разговори од типот: „Ајде уште еден час, ќе издржиме.“, „Кој ќе оди денес на училиште?!“ „Не можам веќе, премногу ми е досадно.“… Дали сме се запрашале зошто е тоа така? И каде е проблемот?

Драги професори, првенствено училиштето е воспитно-образовна институција, а поголемиот дел од вас, се задржувате само на образовиот дел. Да, сфаќам дека домашното воспитание, моралот и морални вредности на човекот потекнуваат од родителот, но ваша задача е постојано да го надградувате тоа.Сепак и не баш секое дете ја има привилегијата за објаснување од родителите што е лошо, а што е добро во животот. Ваша должност како професори, како ВТОРИ РОДИТЕЛИ, е да ни укажете на убавината на животот, да не наполните со мотивација и да не запознаете со можностите кои ни ги нуди истиот.

Верувам дека не би имале проблем, ако одвоите да речеме еден час во месецот од вашиот наставен план и да го посветите на разговор со учениците на теми како што се нашите планови за во иднина и сегашните проблеми. Вие сте успеале. Бидете отворени за разговор, погледнете го светот и од наша перспектива. Обидете се, некои работи сигурно ќе се сменат на подобро.

Вметнете и нови методи и техники. Бидете креативни, привлечете не со разговор, пошегувајте се и насмевнувајте се додека зборувате, поврзувајте ги лекциите со примери од секојдневнието. Дружете се со нас, бидете нашиот полнач за позитивна енергија. Направете ги вашите часови за паметење.

Подгответе не’ за живот, помогнете ни да бидеме паметни и успешни за во иднина, за сите да имааат бенефиции од нашето постоење. Научете не’ како да оставиме печат во овој свет, да бидеме запаметени.