Активирај се | Создадено од вас |

Сакам образование кое ќе изнедри доблесни луѓе

feat-img

Ивона Минчева, СУГС „Орце Николов“, Скопје

Кога веќе ја имаме Стратегијата за образование, сакам да им се обратам на одговорните за креирање на образовни реформи и развивање на образовни политики што поскоро да почнат со промените. Од овие средношколски врати треба да излезат генерации кои ќе бидат подготвени на секакви предизвици, мотивирани да направат некаква промена, но и свесни за случувањата околу нив. Личности кои би знаеле наученото да го применат во секојдневниот живот, применето знаење, а не статистики и факти заборавени по направениот тест. Постоечките методи на учење се застарени, но застарен е начинот на пренесување на знаењето. Потребна ни е интерактивна настава, каде што и ние учениците ќе имаме удел на часовите и би биле помотивирани за време на наставата.

Од друга страна пак, занемарувањето на моралните вредности како еден од главните проблеми со кои се соочува општеството e од големо значење и за оформување на нашата личност. Морал, одговорност, карактер, алтруизам, психолошки егоизам, емпатија – се мал дел од поимите со кои ние не сме запознаени. Не се става акцент на основните морални вредности, вредности кои ќе не’ подготват да бидеме вистински луѓе надвор од школските ѕидови. Можеби е потребно да знаеме што е дифракциона решетка или што се алкани, но што е она што ќе не оформи како личност, како отворена индивидуа, која секогаш би била подготвена да помогне.

Образовните институции овозможуваат зголемување на бројот на писмени луѓе, но дали овозможуваат зголемување на бројот на доблесни луѓе?

Во овие средношколски години ние ја доживуваме најголемата преобразба на нашата личност, идентитет, карактер. Во периодот од 15-18 години ние разбираме кои сме, какви квалитети имаме, кои ни се можностите за интелектуално надоградување, какви амбиции имаме за нашето понатамашно образование. Покрај сето ова, ние сме спречени да се надоградуваме и да се трудиме да успееме во она во коешто сме добри. Запрашајте се зошто? Колку од професорите имаат забележано талент или потенцијал кај некој ученик? Што се преземало во врска со тоа? На кој начин бил ученикот поттикнат да се надоградува во нештото во коешто е добар?

Затоа, ги повикувам професорите да ги препознаваат и поттикнуваат талентите кај учениците бидејќи само на тој начин можеме да донесеме просперитет во општетството.