Активирај се | Создадено од вас |

Убавите и лажните зборови

feat-img

Светот е некогаш обоен само во црно и бело, но тоа зависи со какви очи гледаме кон него. Ако во нашите очи има сјај за успех, сјај за достигнување, тогаш тој е целиот во бело, но ако во нашите очи има само зло и омраза кон сите други, тогаш светот е целиот во црно.

Често размислувам за тоа дека во светот постојат толку различни луѓе. Едни кои се на врвот на планината и едни кои се на нејзиното подножје. Тие што се горе ги отвориле железните порти кон успехот и стигнале таму, а оние долу никогаш нема да ги видиме на врвот, зашто се со куси нозе и без клуч за портата кон светот и железните порти. Само убавиот збор ќе нѐ искачи на планината и ќе ни донесе успех, а лагата како остро копје ќе нѐ повреди и ќе ни ја земе силата. Убавиот збор и лагата се пријателот и непријателот на човекот. За жал, тие многу често се преплетуваат кај некои луѓе.

Да возвратиш со убав збор на лага, значи да си доволно силен да го запреш копјето кое се движи кон твоето срце. Таа е само начин да останеш во еден темен тунел од кој нема излез, да останеш сиромашен во душата и во очите на другите. Со лагата никогаш не можеме да се искачиме на врвот, бидејќи таму нема место за неа. Со лагата никогаш не можеме да добиеме почитување и насмевка, туку напротив, со неа се добива само презир.

На врвот секогаш ќе има место само за оние кои употребуваат убави зборови, затоа со убави зборови да ги скршиме копјата на лагата и да го зачуваме нашето срце од повреда, да го зачуваме од пад кон бездна, бидејќи лагата е најлошата особина на човекот, додека убавиот збор е доблест.

Барбара Бочварова, четврта година во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ – Велес