Активирај се | Создадено од вас |

Умерено скромни, умерено дарежливи, умерено себични

feat-img

Лиле Стефановска, СУГС „Јосип Броз – Тито“, Скопје

Особините, како и луѓето, според етиката се делат на добри и лоши, па во зависност од особините кои преовладуваат кај еден човек, истиот се класифицира во една од споменатите групи. Во теоријата е се’ така милозвучно. Лесно е да се определи доброто од злото, црното од белото, но реалноста знае многу непријатно да не’ изненади. Таа е сива, постоење на доброто и лошото како хомогена смеса во секој човек, чие одделување оди многу тешко.

Во едно вакво општество, клучот на преживување е себеспознавање. Некој сигурно ќе рече дека не постои човек на светот кој не се познава себеси, но доколку тоа е вистина, тогаш не би постоела природна селекција. Сепак факт е дека таа постои, како во флората и фауната, така и меѓу луѓето. Еден човек во себе крие три дела: човекот каков што сака да биде, човекот каков што мисли дека е и човекот каков што навистина е. Последниот е единствениот со кој не сме запознаени доволно добро, а тој е и клучот за нашиот опстанок и причина зошто многу неприспособени единки ја губат борбата со природната селекција.

Нашето општество се гуши од смог кој содржи его и ароганција, љубов која се дава само кога се мора, логика која е сведена на минимум и лицемерие. Додека себичноста царува, гладува дарежливоста, чесноста ведне глава пред малициозноста. Копнежот да се чувствуваме вредни во очите на другите не’ тера да ги прифатиме сите „ненормални“ работи како „нормални“.

Ако избирањето да дејствуваш во полза на себеси, наместо во полза на другите, се смета за себичност, тогаш сите ја поседуваме таа особина. Јасно е – моралот не’ учи дека себичноста е негативна особина, а сепак сите сме себични кога бараме од другите да не бидат себични. Штом нашите соништа ги ставаме пред другите и тогаш сме себични. Сепак, ако туѓата среќа ни е поважна од нашата, тогаш сме добри, тогаш ги познаваме и живееме според вистинските вредности. Со потиснување на хедонизмот, ние стануваме искрени и чесни луѓе, а набрзо ќе станеме и плен кој бега од челустите на општеството, односно послабата единка во природната селекција. Тогаш што да се прави?

Како што рекол Питагора, „Мерата е најдобра“. Се’ што правиме во животот треба да го правиме со мера. Умерена скромност, умерена себичност, умерена дарежливост, умерена алчност, па дури и умерена љубов, зашто се’ што е претерано е штетно, иако во тој момент веројатно ќе ни изгледа супериорно.