d

The Point Newsletter

Sed ut perspiciatis unde omnis iste natus error.

Follow Point

Begin typing your search above and press return to search. Press Esc to cancel.

Зошто се важни воннаставните активности?

„Меките“ вештини тешко се учат. Но затоа воннаставните активности помагаат да се промени тоа. Областите кои овие активности ги опфаќаат се спортот, разните друштвени игри, уметноста, музиката, драмата, поезијата, програмирањето, новинарството, волонтирањето, дебатите, младинскиот активизам и учеството во училишна заедница. Корисноста на воннаставните активности е огромна. Учениците добиваат подобри оценки поради способностите кои ги развиваат надвор од училиштето, имаат поголема самодоверба и се повеќе подготвени за животот.

Формалното образование во нашата држава е задолжително. Образовниот процес го дава знаењето кое им е потребно на учениците, но им дава и работна навика и вештини за справување со времето. Меѓутоа, според мене, тоа е само 50 отсто од сложувалката со која се гради карактерот на една личност, посебно во тинејџерските денови.

Другиот дел се воннаставните активности, што ги даваат т.н. „меки“ вештини (soft skills), потребни за понатамошното високо образование и за градење на кариерата.

Некои ученици и нивните родители воопшто не ги ценат овие активности, меѓутоа со оптоварување на мозокот со теоретска работа и со постојано читање книги не се постигнува квалитетен резултат. Потребна е пракса.

Овие вештини, кои се потребни отсекогаш, но посебно во 21 век, често се поистоветуваат со способноста правилно да се комуницира со останатите луѓе во околината. Се делат на неколку категории: комуникациски вештини, способност за критичко размислување, лидерски вештини, заземање позитивен став, способност за тимска работа, работна етика и желба за учење од грешките. Ако вештините потребни за определена работа се загарантирани, работодавците ги ценат „меките“ вештини повеќе од кога било.

„Меките“ вештини тешко се учат. Но затоа воннаставните активности помагаат да се промени тоа. Областите кои овие активности ги опфаќаат се спортот, разните друштвени игри, уметноста, музиката, драмата, поезијата, програмирањето, новинарството, волонтирањето, дебатите, младинскиот активизам и учеството во училишна заедница. Овие активности се поврзуваат со академскиот и општествен успех, како и со градењето мрежа од познаници и пријатели со кои може да се комуницира.

Когнитивни активности

Иако активностите како што се спортот, танцувањето, игрите, уметноста, курсевите по странски јазик влијаат на психичката и физичката благосостојба на личноста, јас ќе се фокусирам на когнитивните активности кои мене ми помогнале и ќе објаснам како тие позитивно влијаат врз развојот на способноста за размислување, перципирање и создавање сопствени ставови. Секако, тие способности се градат и со други когнитивни активности.

Новинарство. Оваа активност е создадена за љубопитни луѓе, затоа што овозможува постојан контакт со нови информации и редовно следење на случувањата во околината и светот. Со пишувањето текстови, репортажи, статии, интервјуа и вести не само што се развива способноста за брзо конципирање идеја, туку и се запознаваат луѓе, се развиваат социјалните вештини, се споделуваат мислења и се дознаваат многу информации. Фактот што доколку се користи правилно, новинарството позитивно влијае на јавноста, е награда сама по себе.

Дебата. Дебатата како активност многу влијае на развојот на самодовербата, затоа што самиот концепт налага претставување ставови пред голем број луѓе. Со дебата се развива вештината на јавно говорење, аналитичкото размислување, пристапувањето на проблемите од повеќе агли и аргументираното побивање туѓ став во определен момент. И дебатата како новинарството, подразбира //medium.com/@greadyrenata/qualities-of-a-good-debater-bcbbd4bacb67“>„начитаност“ на многу теми. Дебатерите мораат да бидат добри слушатели и да имаат подготвен одговор на било кое прашање или напад од страна на противникот.

Училишна заедница. Вклучувањето во училишното раководство подразбира учество на сите претседатели и потпретседатели од класовите во една заедница преку која професорите и директорот го слушаат гласот на учениците. Училишната заедница е неверојатна можност активно да се влијае врз одлуките кои ги носи училиштето но подразбира и вклученост во активности од кои учениците имаат корист. Со оваа активност се развиваат тимско чувство за работа и лидерски способности, но се гради и чувството на одговорност кај секој претседател и потпретседател на клас. Ова е можност учениците да ја развијат својата агилност при комуникацијата со надредени личности и аргументирано да комуницираат на исто ниво со нив.

Волонтерство и младински активизам. Покрај гореспоменатите способности, овие две активности кај секој волонтер го градат чувството на емпатија и емоционалната интелигенција, затоа што волонтерите корисно го употребуваат своето време да постигнат нешто позитивно за заедницата. Притоа, младите активисти ги изразуваат своите ставови за прашања за кои чувствуваат посебна страст и се активни граѓани во општеството. Најблагодарното нешто што произлегува од волонтирањето и активизмот е правењето значајна промена во својот живот, но и во животот на останатите.

Корисноста на воннаставните активности е огромна. Учениците добиваат подобри оценки поради способностите кои ги развиваат надвор од училиштето, имаат поголема самодоверба и се повеќе подготвени за животот.

Младите во апатија и разочарување

А што е со македонската младина? Дали нашите млади се вклучени во некакви воннаставни активности?

Младите во Македонија на возраст од 15 до 35 години се некаде меѓу апатија, оптимизам и разочарување, како што укажува и насловот на студијата од Мартин Галевски на Вестминстер фондацијата. Статистиката на оваа студија вели вака:

  • 90 отсто од нив никогаш не биле дел од граѓанска или невладина организација
  • 35 отсто од младите се информираат за политичките случувања на социјалните мрежи, а нешто помалку од 33 отсто од телевизија;
  • Преку весник се информираат 0,5 отсто, а преку радио 0,1 отсто од анкетираните млади луѓе
  • 9 отсто би се ангажирале општествено или политички поради невработеност и сиромаштија, а 17 отсто би го сториле тоа борејќи се за правда. Од патриотски причини – 2,8 отсто

Во време кога повеќе од половина од младите тука не учествуваат во било какви воннаставни активности, посебно не во волонтерски активности, ниту пак се активираат во заедницата, секој свесен млад човек за овој проблем треба да ја отпочне промената која сите ја бараат. Повеќето училишта и училници се создадени на начин што создава кај младите чувство на одбивност и им дава потреба да се бунтуваат за време на часот. Она што треба да се направи е да се поттикне нивниот инстинкт да придонесат за време на часот со тоа што ќе водат конструктивен разговор со професорот/професорката и никогаш нема да ја згаснат љубопитноста, односно нема да престанат да прашуваат. Младите треба да се активираат и да го направат она што отсекогаш сакале да го сторат, но не ја имале можноста. А секоја позитивна промена што ќе ја направат, ќе им се исплати на долгорочен план.

Автор: Стефан Митиќ

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.