Активирај се | Создадено од вас |

Пратеници дискутираа со средношколци за младински активизам

feat-img

Младите луѓе треба да бидат директно вклучени и самите да носат одлуки за решавање на општествените проблеми со кои се соочуваат. Тие треба да ги користат сите видови на медиуми, особено социјалните мрежи, за да ги изразат нивните мислења, да бидат гласни и да кажат каква е реалната состојба. Ова се некои од препораките за младински активизам кои пратениците Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ и Нора Алити од ДУИ им ги пренесоа на стотина средношколци во Дискусијата за младински политики.

Пратеничката Нора Алити вели дека според европските искуства, учеството на младите луѓе во повеќе нивоа за решавање на општествените проблеми е регулирано со различни методи.

„Во Македонија во последно време има различни инцицијативи, како на пример, на локално ниво се создаваат младински совети кои се советодавни и информативни тела. Ова е добро, но не е доволно. Треба да се оди чекор напред и младите не само што ќе бидат консултирани, туку ќе бидат директно инволвирани или самите ќе носат конструктивни и иновативни одлуки за решавање на проблемите со кои се соочуваат денес. Оваа материја треба да се регулира со посебен закон, што е тој чекор напред во позиционирањето на младите луѓе во општеството, а иницијативата треба да доаѓа од младите за младите.“, вели Алити.

Пратеникот Александар Николовски ги советуваше средношколците да го кажуваат тоа што го мислат секаде кадешто можат да комуницираат и да бидат отворени и гласни. Според него, ништо не е невозможно, тешко и далечно.

„Потребни се три работи. Прво, треба многу работа – учење, дополнителни активности, општествена одговорност. Ако не работите од 10 до 12 часови дневно, нема успех. Второ, мора да имате силна морална вертикала односно принципи во животот од кои по ниту една цена не треба да отстапите. Трето, мора некогаш да имате и среќа. Само комбинација на овие работи ве носи до сериозен усепх.“, смета Николовски.

Дискусијата за младински политики се одржа во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, а на неа учествуваа средношколци од повеќе скопски училишта. Настанот беше организиран од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во рамки на проектот „(Де)конструирај ги медиумите“, што е поддржан од Амбасадата на САД во Македонија.

Повеќе фотографии од настанот