Активирај се | Создадено од вас |

Промовиран конкурсот за флеш моб низ Македонија

feat-img

Со синоќешната презентација во ЕУ Инфоцентарот во Скопје, тимот на Безомразно.мк и Македонскиот институт за медиуми ја завршија промоцијата на конкурсот за флеш моб идеи против говор на омраза.

Караванот на Безомразно.мк го промовираше конкурсот низ цела Македонија, советувајќи ги заинтересираните средношколци, студенти, активисти, НВО претставници како да се пополни формулар за пријавување, да се подготви предлог буџет и како да се сними демонстративно видео за да се аплицира на конкурсот „Со креативност и младински активизам против говорот на омраза“.

Караванот ја презентираше идејата против говорот на омраза во Штип, Струмица, Охрид, Битола, Тетово и Скопје.

Петар Младеновски, член на популарниот бенд „Суперхикс“ беше специјален гостин на промотивните настани. Во улога на промотор и поддржувач на конкурсот, Пеце-Суперхикс на младите им отпеа по неколку безомразни стихови инспирирани од оваа безомразна турнеја и ги повика да ја искористат својата креативност за справување со негативните појави во општеството.

Конкурсот „Со креативност и младински активизам против говорот на омраза“ е отворен до 20 ноември, за сите формални и неформални граѓански организации и движења, активисти – поединци, како и за сите граѓани на Македонија на возраст до 30 години. Најдобрите три апликации на конкурсот ќе добијат по 100.000 денари за реализација на перформансот.